Сребро за Бугарија на стартот од Европското првенство во спортска акробатика
Бугарската женска двојка Раја Лозева и Деја Хаџиатанасова блесна на отворањето на Европското првенство во спортска акробатика, кое оваа година се одржува во Луксембург. Младите акробатки се закитија со сребрен медал во дисциплината „баланс“ во категоријата девојки од 13 до 19 години.
Лозева и Хаџиатанасова настапија одлично уште во квалификациите, каде се пласираа на второто место со оценка од 27.830 поени. Во финалето ја подобрија својата изведба и добија 28.180 поени, што беше доволно за сребро. За само 0.020 поени им побегна златото, кое отиде кај израелската двојка Рони Телер и Арад Абер, кои освоија 28.200 поени.
Во истата категорија, мешаната бугарска двојка Вилиана Костадинова и Кристијан Манолов заврши на деветтото место во дисциплината „темпо“, со освоени 26.190 поени. Со овој резултат, тие станаа прва резерва за финалето.
Бугарското учество продолжува и понатаму со настапите на возрасните категории. Денеска на програмата се квалификациите за мешаната двојка Ралица Кирова и Пламен Јанев во дисциплината „темпо“, како и машката двојка Панajот Димитров и Георги Стојанов, кои ќе се натпреваруваат во „баланс“.