Минус девет бода за Воска Спорт, жестоки санкции за челниците на клубот
Тежок удар за Воска Спорт: клубот е казнет со одземање на девет бода и високи парични казни, по инцидентите на натпреварот со Вардар во рамки на 28. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
Фудбалската федерација на Македонија пресече строго поради напуштањето на теренот од страна на Воска Спорт, незадоволни од судиската одлука за еден регуларен гол на Вардар. Со овој потег, Воска не само што се доведе во опасност од испаѓање во Втората лига, туку и доби финансиски удар од 2.500 евра.
Не застана тука дисциплинската комисија. Претседателот на клубот, Нефи Усеини, доби две години забрана за вршење на функција и парична казна од 1.500 евра, бидејќи бил директно инволвиран во иницирањето на повлекувањето на екипата од теренот.
Слична судбина го снајде и тренерот Арбри Клодиан, кој исто така е суспендиран две години од вршење тренерска функција. Најлесно мина капитенот на тимот, Агон Хани, кој доби едномесечна забрана за настап.
Покрај сите индивидуални казни, Воска Спорт е дополнително санкционирана со 5.000 евра парична казна поради слаба организација на натпреварот.
Со овие дисциплински мерки, иднината на клубот во македонскиот фудбал е ставена под голем знак прашалник.