ФФМ го суспендира ОФС Охрид: Измислена Б општинска лига, фиктивни записници со починато лице
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе сериозна одлука за суспензија на Општинскиот фудбалски сојуз Охрид (ОФС Охрид) поради тешки прекршувања на статутарните и нормативните акти на федерацијата.
Одлуката била донесена едногласно од Управниот одбор на ФФМ по детална истрага, базирана на наоди од Одделот за интегритет. Истражувањето открило сериозни нерегуларности, вклучувајќи:
- Изработка и користење фиктивни записници за натпревари кои никогаш не биле одиграни, но биле заведени со конкретни резултати.
- Во КОМЕТ системот на ФФМ биле пронајдени записи каде што дури и починато лице било наведено како учесник во фиктивните натпревари.
- Службени лица пријавиле дека нивните имиња биле злоупотребени во записници без нивна согласност, а некои од нив ниту биле судии.
- Утврдено е дека целата „Б“ општинска лига на ОФС Охрид фактички не постоела, туку била целосно измислена.
Со овие дејствија сериозно бил нарушен интегритетот на натпреварувањата и довербата во работата на фудбалските институции.
ФФМ најави дека ќе поднесе дисциплинска пријава против претседателот и секретарот на ОФС Охрид пред соодветната дисциплинска комисија, со предлог за преземање строги мерки согласно Дисциплинскиот правилник и Статутот на федерацијата.
Фудбалската федерација останува цврсто определена кон транспарентност и коректно функционирање на фудбалските структури, најавувајќи дека нема да дозволи никакви злоупотреби.