Зијадин Села: Арбен Таравари не треба да биде пречекан со раширени раце во Европскиот фронт
Лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во неодамнешно интервју за телевизијата Алсат испрати јасна порака дека неговиот поранешен сопартиец Арбен Таравари не заслужува топол пречек во Европскиот фронт. Села изрази сомнеж околу политичките потези на Таравари, оценувајќи ги како недоследни и потенцијално штетни.
„Јавното извинување на еден политичар е оставка од функцијата. Тоа е чин со кој покажуваш дека си свесен за грешка. Но, кога не се поднесува оставка, тогаш станува јасно дека немало вистинско преиспитување, туку само манипулација“, изјави Села.
Според него, најмалку што Таравари можел да направи е да поднесе оставка, со што би ја презел одговорноста за политичките одлуки што ги донел во минатото.
Во врска со актуелните политички состојби, Села откри дека добивал покани од владејачки партии за воспоставување комуникациски канали, на кои, како што вели, одговорил отворено и со јасни ставови. Тој ги отфрли шпекулациите дека Европскиот фронт може да загуби четворица пратеници, велејќи дека таквите тврдења се обид за создавање неизвесност во јавноста.
„Ние не даваме збор на две страни. Сериозни сме и транспарентни во нашето политичко дејствување“, нагласи Села.
На прашање што ако некои политички врати се затворат, Села одговори дека Алијансата за Албанците нема да го прекрши својот збор и останува слободна во политичкото делување. Тој потенцира дека партијата има свои органи кои ќе донесат соодветни одлуки во случај на прекршување на принципите.
Села ја повтори заложбата на партијата за унапредување на правата на Албанците во Северна Македонија. Тој посочи дека тие права не смеат да бидат привремени или предмет на дневнополитички калкулации, и побара јасно дефинирање на албанскиот јазик во Уставот, уставни измени и отстранување на терминот „20%“ како критериум за употреба на јазиците.
„Нашата борба е за систем во кој Албанците и другите заедници ќе бидат недопирливи, без оглед на тоа кој е премиер. Уставниот суд мора да биде еден од тие механизми на заштита“, изјави Села.
Тој заврши со порака дека Алијансата за Албанците ќе продолжи да се залага за уставни промени и деблокада на европските интеграции, без компромиси околу основните принципи и права на заедниците во државата.