09 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Според податоците, цените на храната во Европската Унија во 2025 година пораснале во просек за 2,8 проценти во споредба со претходната година. Но, како и многупати досега, овој просек повеќе прикрива отколку што објаснува.
Во одредени делови на Европа, особено во источните и југоисточните региони, граѓаните инфлацијата ја почувствуваа многу поинтензивно. Во рамки на Унијата, најголем раст на цените на храната е забележан во Романија – 6,7 проценти, додека слични стапки, меѓу четири и седум проценти, се регистрирани и во Бугарија, балтичките земји и дел од Балканот.
Аналитичарите оценуваат дека овие региони и понатаму се почувствителни на шокови поврзани со енергијата, транспортот и суровините, што директно се одразува на пазарите.
Надвор од ЕУ, ситуацијата во Турција е драстично поинаква. Таму, цените на храната во 2025 година пораснале дури до 32,8 проценти, што, според економистите, е само симптом на подлабоки и долгорочни инфлаторни проблеми во земјата. Наспроти тоа, Швајцарија беше единствената европска земја каде цените на храната се намалиле – за 1,1 процент, додека во Кипар тие практично стагнирале.
Меѓу водечките економии на ЕУ, сликата е помирна, но не и идентична. Франција се издвојува со најниска инфлација на храната – само 0,7 проценти, една од најниските стапки во цела Европа. Германија и Шпанија се движеле околу 2,1 процент, додека Италија забележала нешто повисок раст – 2,5 проценти.
„Ова покажува колку националните политики и структурата на пазарите влијаат врз цените“, коментираат економските експерти, нагласувајќи дека просекот на ЕУ често создава лажно чувство на стабилност.
Кога ќе се погледне подетално, производ по производ, сликата станува уште помрачна. Од 64 основни прехранбени производи, осум забележале пад на цените, еден останал на исто ниво, а сите останати поскапеле – и тоа значително.
Чоколадото е апсолутен рекордер, со раст на цената од 17,8 проценти на ниво на ЕУ. Замрзнатото овошје следи со 13 проценти, а говедското месо со околу 10 проценти. Јајцата, путерот, како и јагнешкото и козјото месо, исто така бележат силен раст, што директно се одразува врз дневниот буџет на семејствата.
„Луѓето можат да се откажат од луксуз, но не и од јајца, млеко или месо… токму тука болката е најголема“, велат пазарните експерти, додавајќи дека токму во овие категории инфлацијата се чувствува најдиректно.
Цените на шеќерот, медот, џемовите, млекото, коренестиот зеленчук, свежото и конзервираното овошје, маслата, живината, сувото овошје и јаткастите плодови исто така пораснале – списокот е долг и не остава многу простор за оптимизам.
Сепак, постои и ретко чувство на олеснување. Маслиновото масло поевтинело и до 22,9 проценти, по екстремниот раст во претходните години. Цените на шеќерот се намалиле за 11 проценти, маслата и мастите за 5,4 проценти, а компирите за 5,2 проценти. За некои семејства, ова е мала утеха, но – барем нешто.
Разликите меѓу земјите стануваат уште поизразени кога се анализираат истите производи. Чоколадото, на пример, поскапело за повеќе од 30 проценти во Полска, Литванија и Естонија, додека во Албанија растот бил симболичен – околу еден процент.
Кај замрзнатата храна, инфлацијата варирала од два проценти во Исланд до неверојатни 32 проценти во Естонија. Цените на говедското месо во Холандија, Хрватска и Латвија пораснале за повеќе од 20 проценти, додека во Франција и Италија растот бил значително помал.
Јајцата се посебна приказна. Во Чешка, Словачка, Португалија и Унгарија, цените пораснале од 20 до 29 проценти, додека во други земји растот бил минимален, а во некои случаи дури и негативен.
Слични контрасти се забележуваат и кај путерот, јагнешкото и козјото месо, каде што просекот на ЕУ ги прикрива екстремите што граѓаните секојдневно ги чувствуваат – на каса.
Заклучокот е прилично јасен, иако непријатен. Просечната инфлација на храната во Европа можеби изгледа под контрола, но реалноста е фрагментирана, нерамномерна и често сурова.
И кога статистиката ќе се претвори во сметка од супермаркет… тогаш бројките престануваат да бидат апстрактни.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

