10 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Претставникот на ВЛЕН, Афан Елези, денеска испрати остра порака во однос на долгогодишниот пристап кон правичната и соодветна застапеност на Албанците во институциите, нагласувајќи дека „Албанците не се алатки, туку се закон“.
Во својата изјава, Елези потенцираше дека во изминатите 25 години ова прашање било злоупотребувано за политички цели.
„За неа се зборуваше, ветуваше, измамуваше, крадеше и корумпираше. Но, кога стануваше збор за решение, секогаш недостасуваше законот. Секогаш недостасуваше волјата, а можеби и храброста“, изјави тој.
Елези се осврна и на т.н. „балансер“, кој според него наместо да обезбеди правична застапеност, се претворил во механизам со сериозни правни слабости.
„Оваа алатка дозволуваше манипулации, различни толкувања и вработувања мотивирани од теснопартиски интереси“, истакна тој, упатувајќи директни критики кон ДУИ.
Според него, ДУИ имала доволно време да го претвори овој уставен принцип во закон, но тоа не го сторила.
„Не го направи тоа. Дури и не се обиде. Ова е вистината“, нагласи Елези.
Од ВЛЕН велат дека со новото законско решение за првпат се воспоставува јасна институционална рамка и одговорност.
„За прв пат правичната застапеност станува обврска. За прв пат ова прашање има ‘господар на куќата’. Се создава координативно тело предводено од вицепремиер Албанец. Тоа значи дека повеќе нема бегање од одговорност“, посочуваат од коалицијата.
Дополнително, се воведува методологија базирана на реални податоци, со цел да се спречат злоупотреби и лажни претставувања.
„Кој и да ја злоупотреби, ќе се соочи со последици“, додаваат од ВЛЕН.
На последната седница, Владата го усвои Законот за правична и соодветна застапеност. Според првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, законот има за цел да воспостави баланс и да постави темели на професионална и транспарентна администрација.
Овој закон треба да го замени „балансерот“, кој беше укинат од Уставен суд на Северна Македонија на 9 октомври 2024 година.
Уставниот суд ја укина алатката поради сомнежи дека таа го нарушува принципот на стручност и компетентност, како и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Постапката беше поведена на 18 септември 2024 година, кога судиите разгледуваа дали обврската за наведување етничка припадност при вработување создава дискриминаторски услови.
Според Елези, разликата меѓу ВЛЕН и нивните политички опоненти е суштинска.
„25 години ова прашање се одржуваше заради кражба и политичко преживување. Ние го затвораме со закон. Тие го оставија без адреса, ние му даваме адреса“, порача тој.
Со ова, како што велат од ВЛЕН, започнува нова фаза во третманот на правичната застапеност – од политичка алатка кон правно обврзувачки систем.
Албански експерт: Без Албанците, Северна Македонија ќе се распадне за 24 часа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

