27 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Владата со голема најава го турка планот за набавка на 150 еко-автобуси, но зад амбициозната бројка зјае сериозна финансиска празнина. Додека јавноста слуша за „еколошка трансформација“, во буџетот за годинава се предвидени скромни пет милиони евра за обнова на возниот парк. Со проста математика, тоа е далеку од доволно.
Ако се земе како ориентир цената од пред седум години – околу 260.000 евра по автобус – со овие средства би можеле да се купат едвај дваесетина возила. Денес, со инфлацијата и растот на цените на електричните технологии, реалната бројка веројатно е уште помала. Прашањето е очигледно: како ќе се финансираат останатите над 120 автобуси?
Од Министерството за транспорт најавуваат „сложена постапка“ и модел што сè уште се разработува, а парите „ќе се обезбедат од буџетот“. Без конкретна финансиска конструкција, без временска рамка и без прецизирање дали станува збор за ново задолжување, ваквите одговори звучат како купување време. Дополнителна дилема отвора и изјавата на премиерот Мицкоски дека средствата ќе дојдат најмногу преку стратешко партнерство со Унгарија – што во пракса може да значи кредитно задолжување, а не грант.
Не е првпат проектот да запне. Претходниот тендер пропадна бидејќи единствената пријавена компанија не ги исполнувала условите. Тоа упатува на слабости во подготовката на постапката или на нереално поставени критериуми. Во меѓувреме, јавноста слуша и нови рокови – 100 автобуси до крајот на годината – без јасно објаснување како ќе се реализираат.
И додека политичарите лицитираат со бројки, реалноста на терен е поинаква. Граѓаните секојдневно сведочат за автобуси што доцнат или воопшто не пристигнуваат, иако на таблите стои возен ред. Луѓе доцнат на работа и на училиште. Возила се расипуваат среде улица, а јавноста сведочи и за случаи на запалени автобуси. Наместо стабилен систем, граѓаните добиваат неизвесност.
Иронично, додека сега се зборува за 150 еко-автобуси, во времето на Данела Арсовска како градоначалник, иницијативата за 250 вакви возила повеќе од 20 пати не доби поддршка да се најде на дневен ред. Двапати, кога конечно стигнала до гласање, не била поддржана од советници од ВМРО-ДПМНЕ. Денес, истата политичка структура најавува нова ера на еколошки транспорт.
Со оглед на недостигот од јасна финансиска рамка, пропаднатите тендери и хроничните проблеми во јавниот превоз, најавата за 150 еко-автобуси во овој момент повеќе личи на политички слоган отколку на издржан проект. Додека не се објават конкретни бројки, договори и извори на финансирање, останува впечатокот дека граѓаните повторно слушаат ветувања – а чекаат автобус што можеби нема да дојде.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

