Венко Филипче: Никогаш не сме се бореле само за фотелји, туку за довербата на граѓаните
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека ќе даде сè од себе за да ја консолидира партијата и да ја продолжи патеката што веќе е започната. Според него, конечната оценка дали СДСМ ќе биде победничка партија ќе ја дадат граѓаните, а пред партијата стои уште многу работа.
„Дали е тој пат целосно изоден? Апсолутно не. Имаме уште многу простор за работа и ќе продолжиме со интензивна активност, не само сега пред локалните избори, туку и во годините што следат“, рече Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ никогаш не се борела за власт по секоја цена.
„Никогаш не сме се бореле за фотелји. Нашата цел е да ја добиеме довербата на граѓаните за да ги решаваме нивните проблеми во нивен интерес, а не само да бидеме на власт“, потенцираше Филипче во гостување на Сител.
Осврнувајќи се на моменталната состојба во државата, Филипче оцени дека земјата се наоѓа во сериозна економска и општествена криза. Според него, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не успева да се справи со предизвиците кои ги засегаат граѓаните.
„Државата е во најтешка економска и општествена криза досега. Стандардот на граѓаните стагнира, платите не растат, а во некои институции доцни исплатата на плати. Владата делува како да не се грижи за овие проблеми“, предупреди лидерот на СДСМ.
Филипче, исто така, ја обвини актуелната власт за длабока партизација на институциите. Според него, луѓе кои не се членови на ВМРО-ДПМНЕ или партиите од владејачката коалиција се деградирани или преместувани на работни места далеку од своето место на живеење.
„Партизацијата е драматична и бескрупулозна. Луѓето се принудени да патуваат 100 километри за да одат на работа“, изјави тој.
На крајот, Филипче истакна дека сите овие негативни состојби се прикриваат преку силна владина пропаганда, која тој ја нарече „фабрика за илузии“.