19 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, европратеникот Томас Вајц, во својот годишен нацрт-извештај за напредокот на земјата оценува дека е неопходно да се забрзаат реформските процеси, вклучително и прашањето за уставните измени, со цел да се деблокира пристапниот процес кон Европската Унија. Документот ќе биде презентиран на 26 февруари пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ).
Во појаснувачката изјава, Вајц нагласува дека Северна Македонија се наоѓа во сложена фаза, бидејќи пристапниот процес е во застој. Иако се нотираат одредени позитивни чекори, напредокот во клучните области – владеење на правото, реформи во правосудството и борба против корупцијата – се оценува како недоволен.
Како причини се наведуваат изборниот циклус, ограничените административни капацитети и недостигот од долгорочна политичка консензусна стратегија. Во тој контекст, се потенцира дека прашањето за уставните измени останува нерешено, што дополнително го усложнува напредокот. Според Вајц, потребна е засилена политичка волја и конструктивен дијалог за надминување на постојниот ќор-сокак.
Во извештајот се истакнува дека актуелната геополитичка состојба – особено поради војната на Русија против Украина и предизвиците со кои се соочува меѓународниот поредок – ја засилува потребата од европско единство. Овој контекст, според Вајц, може да отвори простор за оживување на проширувањето, но процесот останува строго заснован на принципот на заслуги.
Тоа подразбира конкретни и мерливи резултати во фундаменталните области, пред сè во владеењето на правото. Известувачот апелира до сите политички актери, особено до Владата и парламентарното мнозинство, да покажат поголема одлучност и ефективност во спроведувањето на реформите.
Според нацрт-извештајот, реформите во правосудството и борбата против корупцијата не се само услов за членство во ЕУ, туку и предуслов за функционална, стабилна и економски просперитетна држава. Предвидлива регулаторна рамка и доверлива инвестициска клима се суштински за одржлив развој и подобар животен стандард.
Сепак, политичката поларизација, ограничената меѓупартиска соработка и намалената доверба на јавноста во институциите продолжуваат да претставуваат структурни предизвици.
Во делот за медиумите и граѓанското општество, се препорачува зајакнување на медиумската независност и поефикасна борба против дезинформациите, како и поголема инклузивност во реформските процеси.
Рамката за заштита на основните права генерално се оценува како задоволителна, но се идентификува потреба од понатамошен напредок во областа на родовата еднаквост, правата на немнозинските заедници, лицата со попреченост и ЛГБТ-лицата.
Во економската сфера се поздравуваат почетните чекори во спроведувањето на реформската агенда, но се нагласува дека се потребни дополнителни мерки за активирање на пазарот на труд и зголемување на конкурентноста.
Извештајот позитивно ги нотира напорите во областа на енергетиката, вклучително и напредокот со новиот Закон за енергетика, како и развојот на транспортните коридори 8 и 10. Сепак, се препорачуваат дополнителни инвестиции во инфраструктурата и усогласување со европското законодавство за животна средина.
Во делот за надворешната политика и регионалната соработка, се поздравува усогласеноста на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и конструктивното учество во регионалните иницијативи. Се охрабрува доследен дијалог и соработка со соседните држави како дел од европската перспектива.
Вајц потенцира дека одговорноста не е еднострана. Според него, и Европската Унија и земјите членки треба активно да ја поддржат Северна Македонија, вклучително преку дипломатски ангажман и јасна политичка поддршка за проширувањето.
Нацрт-извештајот ќе помине низ амандманска фаза и гласање во АФЕТ во мај, а потоа и на пленарна седница пред летната пауза. Неговата конечна верзија ќе биде позната по завршување на целата процедура.
Пораката што произлегува од документот е дека европската перспектива на Северна Македонија останува отворена и поддржана, но нејзината динамика ќе зависи од темпото и кредибилитетот на домашните реформи, како и од доследната поддршка од институциите на ЕУ.
СДСМ: Сиљановска бара поголем владин авион додека платите остануваат ниски
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

