06 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, порача дека уставните измени поврзани со вклучувањето на Бугарите во Уставот се непреговарачки услов за продолжување на европскиот пат на земјата. Во интервју за бугарската агенција БГНЕС, тој нагласи дека без исполнување на овој услов нема да има напредок во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Вајц истакна дека Европската Унија има јасна позиција и дека ова прашање не може повторно да се отвора за преговори. Според него, уставните измени се дел од критериумите кои Северна Македонија мора да ги исполни за да продолжи со преговорите за членство.
„Уставните промени се услов и не се предмет на преговори. Доколку овие критериуми не се исполнат, нема да има напредок на патот кон пристапување“, изјави Вајц, додавајќи дека оваа позиција е јасно комуницирана со македонската влада.
Тој појасни дека овие измени треба да се гледаат во контекст на европското законодавство, односно acquis на Европската Унија, кое секоја држава кандидат е должна да го спроведе. Почитувањето на правата на малцинствата и заедниците, според Вајц, е основен принцип за секоја земја која сака да стане членка на Унијата.
„Почитувањето на малцинствата е фундаментален елемент за членство во ЕУ. Затоа ова прашање е многу важно. Додека не се спроведат уставните измени, за жал, не можеме да започнеме ефикасни пристапни преговори“, рече европратеникот.
Вајц изрази надеж дека во периодот што следи ќе се постигне напредок, особено имајќи предвид дека во Северна Македонија не се очекуваат избори следната година, што, според него, создава простор за политички договор и спроведување на реформите.
Освен уставните измени, во интервјуто беше отворено и прашањето за корупцијата, која, според Вајц, останува сериозен проблем не само во регионот на Западен Балкан, туку и во поширок европски контекст. Тој нагласи дека борбата против корупцијата мора да биде приоритет и дека извештајот за напредокот на земјата укажува на потребата од дополнителни напори во оваа област.
Според него, потребен е поголем напредок и во владеењето на правото, со цел да се обезбеди пристап до правда и исполнување на Копенхашките критериуми. Во извештајот, како што посочи, се разгледуваат и прашања поврзани со слободата на медиумите, граѓанското општество и заштитата на животната средина.
Говорејќи за геополитичките влијанија во регионот, Вајц рече дека надворешни актери се обидуваат да влијаат врз земјите од Балканот, но нагласи дека ништо од тие забелешки не е отстрането од извештајот.
„Во овие тешки геополитички времиња важно е европските нации да се обединат. Ако не го направиме тоа, ќе бидеме отворени за други влијанија“, изјави тој, посочувајќи дека такви влијанија постојат и во самата Европска Унија.
Тој додаде дека Европската Унија мора силно да го поддржи регионот на неговиот пат кон членство, бидејќи во спротивно се отвора простор за други актери да го зголемат своето присуство на Балканот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

