Украдени бисти на Крсте Петков Мисирков и Ѓорѓија Пулевски, оштетена бистата на Кочо Рацин
Во серија на вандалски напади врз споменици на истакнати историски личности, вчера биле украдени бистите на Крсте Петков Мисирков и Ѓорѓија Пулевски, додека бистата на Кочо Рацин била оштетена.
Според информациите добиени од Министерството за внатрешни работи, првиот инцидент бил пријавен во 09:30 часот од страна на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Пријавата се однесувала на кражба на споменикот на Крсте Петков Мисирков, поставен во Градскиот парк во Скопје, во близина на бараките на Град Скопје. Истовремено, било утврдено дека и бистата на Кочо Рацин, поставена во истиот простор, претрпела оштетувања.
Подоцна, во 13:25 часот, било пријавено дека од дворот на Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром, исчезнала спомен биста на македонскиот преродбеник и публицист Ѓорѓија Пулевски.
Полицијата презема мерки за расветлување на случаите и пронаоѓање на сторителите. Засега не е познато дали кражбите и оштетувањата се поврзани, ниту кој би можел да стои зад овие вандалски дела.
Овие инциденти предизвикаа реакции од јавноста, која апелира за посилна заштита на културното и историско наследство. Споменичните обележја не само што се дел од културната меморија на граѓаните, туку претставуваат и симболи на националниот идентитет.