26 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Известувачот за Северна Македонија во Европски парламент, Томас Вајц, денеска на седница на Комитетот за надворешни работи го презентираше нацрт-извештајот за земјата, нагласувајќи дека уставните измени се јасно утврдена обврска во рамките на пристапниот процес.
Во своето обраќање, Вајц истакна дека правата на малцинствата, вклучително и правото на културно изразување и самоопределување, претставуваат дел од европските вредности и достигнувања и се составен елемент на преговарачката рамка усвоена со заклучоците на Советот.
„Многу е јасно дека правата на малцинствата се дел од нашето европско наследство и затоа се вклучени во преговарачката рамка. Потребно е дополнителните малцински заедници кои се присутни во земјата да бидат внесени во Уставот“, порача Вајц.
Тој нагласи дека понатамошниот тек на преговорите директно зависи од исполнувањето на ова барање.
„Како ќе се движат преговорите понатаму зависи од исполнувањето на условот за измена на Уставот“, рече тој, додавајќи дека без оваа обврска не може да има суштински напредок во процесот.
Во однос на стравувањата дека по евентуалните уставни измени би можеле да се појават нови барања, Вајц посочи дека е важно овие грижи отворено да се разгледаат со цел да се зајакне довербата во процесот. Тој нагласи дека дијалогот и транспарентноста се клучни за надминување на сомнежите, притоа потсетувајќи дека преземените обврски, вклучително и уставните измени, остануваат дел од договорената рамка и очекувањата во пристапниот процес.
Нацрт-извештајот ќе биде предмет на понатамошна расправа и амандмани во Комитетот, по што ќе биде ставен на гласање на пленарна седница на Европскиот парламент.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

