Таткото на Фросина: 12 години казна затвор е награда за ова брутално убиство
„12 години затвор е награда за ова брутално убиство“ – вака гневно реагираше Тодор Кулаков, татко на трагично загинатата Фросина Кулакова, по изрекувањето на пресудата за Васил Јованов, обвинетиот за нејзината смрт. Судот денеска му изрече казна затвор од 12 години, предизвикувајќи остри реакции кај јавноста и семејството на жртвата.
Фросина загина на 29 јануари годинава, кога Јованов со автомобил, возејќи со 91 километар на час, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја удрил додека таа преминувала на пешачки премин на булеварот „Партизанска“ во Скопје. Дополнително, според Обвинителството, возачот поминал и на црвено светло.
Несреќата, која го потресе целото општество, беше симбол на многу пошироки системски пропусти, а денешната пресуда предизвика нов бран на гнев и разочараност. „Ова е држава во која дилери на дрога и немилосрдни убијци се прогласуваат за светци – спортисти, посветени студенти, според зборовите на одбраната. Пресудата е срамна и тажна за целото општество“, изјави видно потресениот Кулаков.
Тој повика на нови протести пред судот и Судскиот совет, потенцирајќи дека „цел суд треба да биде залепен со црвени раце“ како симболичен протест против, како што рече, неправдата и толеранцијата кон криминалот.
Кулаков исто така упати сериозни обвинувања за прикривање докази поврзани со настанот, но досега нема официјална реакција од надлежните институции.
Граѓаните преку социјалните мрежи веќе започнаа да организираат нови протести со барање за поригорозни казни за вакви случаи и за суштински реформи во правосудниот систем.
Останува отворено прашањето – дали 12 години навистина значат правда за изгубениот живот на Фросина, и дали македонското судство ќе се соочи со сопствената одговорност пред граѓаните?