Таравари: Жал ми е што премиерот стана жртва на уверувања – лично ќе му ја објаснам одлуката
Министерот за здравство и лидер на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, изрази жалење што премиерот Христијан Мицкоски, како што вели, станал жртва на одредени уверувања и политички влијанија. Во изјава за ТВ 21, Таравари рече дека ќе побара лична средба со премиерот за да му ја појасни одлуката на неговата партиска фракција за настап на локалните избори со посебни листи за советници.
„Премиерот Мицкоски во последно време беше и е под голем притисок поради неколку работи и жал ми е што слушам дека и тој станува жртва на овие уверувања. Единствената вистина е дека ние како партија одлучивме да излеземе со посебни листи на советници на локалните избори“, изјави Таравари.
Според него, оваа одлука не била добро прифатена од албанската група во Владата, која, како што рече, „покрена илјада алибија“, обвинувајќи ги за ширење гласини и создавање клима на политички заговори.
„Ние не сакаме да бидеме дел од оваа клима. За жал, дел од албанските политичари во Владата не можат да се променат – тие се производ на стариот политички менталитет“, додаде Таравари, најавувајќи отворен и искрен разговор со премиерот.
Изјавата на Таравари доаѓа по коментарите на премиерот Мицкоски, кој денеска од Инџиково изрази недоразбирање за, како што рече, преминот на Таравари од власта кон опозицијата, обвинувајќи го дека се приближува до Али Ахмети и ДУИ.
„Чесно ќе беше да го направи тоа сам, без да ја влече за нос Владата и граѓаните. Полека станува јасно дека тој се враќа во прегратките на тие што ја пустошеа и криминализираа државата“, рече Мицкоски.
Премиерот најави дека оваа недела ќе има „завршно кафе“ со Таравари, на кое ќе ги сумираат заедничките достигнувања и ќе му посака добро здравје. Тој потенцираше дека Владата останува стабилна и ќе продолжи со реформите и испораката на резултати кон граѓаните.