Таравари: Не можеме да седиме на две столици
Министерот за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, изјави дека евентуалното одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври, исклучиво зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласи дека Алијанса за Албанците не е заинтересирана за избори наесен, но ќе се подготви доколку биде донесена таква одлука.
„Дали ќе се оди на парламентарни избори тоа ексклузивно зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Ако тие одлучат така, тогаш мора да се оди. Начелно сметам дека прво треба да има локални, па идната година да се оди со предвремени парламентарни. Меѓутоа, ако дојде до ситуација да имаме двојни избори, тогаш ние ќе се подготвуваме и ќе дадеме максимум за добри резултати,“ изјави Таравари на настанот за одбележување на 30 години УНДП во Македонија.
Говорејќи за разговорите со премиерот Христијан Мицкоски, Таравари потенцираше дека тие поминале во конструктивна атмосфера и додаде: „На две столици не можеме да седиме.“ Тој најави продолжување на разговорите, но сè уште не е донесена одлука дали Алијанса за Албанците ќе ја напушти владината коалиција.
Во однос на стабилноста на Владата, Таравари оцени дека евентуалното повлекување на неговата партија нема да предизвика парламентарна криза. „Не може да дојде до парламентарна криза, бидејќи има бројки. И без нас има 73, што е мнозинство. Може да се случи и некој пратеник од ‘фронтот’ да влезе во Владата, па така сметам дека нашето излегување нема да биде проблем за делување на владата,“ објасни тој. Таравари истакна дека нивната цел не е да предизвикаат политичка криза.
Што се однесува до соработката со коалицијата ВЛЕН, Таравари беше дециден дека просторот за преговори е исцрпен и дека сега фокусот е на подготовките за локалните избори. Веќе вечерва ќе се започне со избор на кандидати за градоначалници во Гостивар и Врапчиште, а наскоро ќе се формира и изборниот штаб.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, исто така ја коментираше актуелната политичка ситуација и тактиката на Таравари. „Разговараме со коалиционите партнери и имаме јасна визија каде треба да се движи државата. Имаме стабилна Влада и не оставаме никаков простор за соработка со ДУИ, било формална или неформална,“ рече Николоски. Тој подвлече дека борбата против организираниот криминал и корупцијата останува клучна во визијата на премиерот Мицкоски, и посочи дека ДУИ останува во опозиција без простор за соработка.