Светска банка: Ќе ни требаат 30-40 години за ЕУ стандард – ако имаме среќа
Северна Македонија се соочува со долг пат пред себе за да го достигне економското ниво на Европската унија. Според проценките на Светска банка, на земјата ѝ се потребни околу 30 до 40 години за да го достигне просекот на ЕУ во приходи по жител — доколку економскиот раст биде доволно брз. Во полошо сценарио, тој период би можел да се протегне на дури 60 до 70 години.
Ивајло Изворски, главен економист на Светска банка за Европа и Централна Азија, објаснува дека сè зависи од стапката на раст на продуктивноста. Ако Северна Македонија ја врати динамиката од почетокот на 2000-те години, кога растот беше посилен, целта може да се постигне многу побрзо. Но, ако се продолжи со бавната стапка на раст од последните пет-шест години, патот кон ЕУ стандардот ќе биде двојно подолг.
За споредба, БДП по жител во Западна Европа и ЕУ изнесува околу 36.000 евра, додека во Северна Македонија е само 8.000-9.000 евра, што значи дека е потребно четирикратно зголемување за да се достигне европското ниво.