„Судот по вторпат ја уби Фросина“ – Семејството повика на протест пред Универзалната сала
Семејството на трагично загинатата 22-годишна Фросина Кулакова повторно ќе излезе на улица, повикувајќи на протест утре во 17 часот пред Универзалната сала во Скопје. Повикот доаѓа по денешната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, со која на Васил Јованов му беа изречени 12 години затвор за сообраќајната несреќа што се случи на 29 јануари, кога ја усмрти младата Фросина.
Сестрата на Фросина, Росица Кулакова, на социјалните мрежи остро ја осуди одлуката на судот, нарекувајќи ја „второ убиство“ на нејзината сестра. Таа ја обвини судската власт за неказнивост и отсуство на вистинска правда.
„Нема да молчиме и од нашата болка правиме повик за промена. Излезете со нас на протест за да нема други мајки што ќе го носат товарот на неказнивост, за да нема повеќе откорнати невини животи. За да има правда за Фросина и за сите!“, напиша Росица, повикувајќи граѓаните да се приклучат на протестот.
Протестот ќе започне токму на местото каде што се случи трагедијата – пред Универзалната сала, од каде демонстрантите ќе се упатат кон Кривичниот суд. Семејството порачува дека ќе продолжи да се бори, не само за правдата на Фросина, туку и за сите жртви кои, како што велат, „државата ги изневерила“.
Во својата објава, Росица го изрази револтот од олеснителните околности земени предвид при донесување на пресудата.
„Кои се тие олеснителни околности? Дека не побегнал? Дека се грижел за последиците врз неговиот живот? Дека е спортист? А Фросина? Таа нема ништо – има само гроб. Судот не донесе правда, туку порака дека убиството се исплаќа. Срам да ви е!“, напиша таа.
Одлуката на судот предизвика широка реакција во јавноста, каде многумина го споделуваат чувството на неправда и фрустрација. За утрешниот протест се очекува масовна поддршка од граѓани и активисти кои бараат одговорност и реформа на правосудниот систем.
Протестот пред Универзалната сала е најавен како мирен, но решителен отпор против, како што вели семејството, институционалното предавство на жртвите и нивните најблиски.