05 април 2026
• од Вардарски
СДСМ обвини дека нов бран отпуштања ја погодува индустријата, откако околу 100 работници од текстилната фабрика „Артекст“ останале без работа, при што, како што наведуваат, не им биле исплатени ниту две заостанати плати.
Од партијата велат дека станува збор за луѓе со долгогодишен стаж, кои целиот работен век го поминале во фабриките и сега се соочуваат со неизвесна егзистенција. Според нив, работниците сведочат дека остануваат без средства за живот, а институциите не реагираат соодветно.
СДСМ ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски дека не презема мерки за заштита на работничките права и дека ваквите случаи се резултат на, како што ги нарекуваат, „катастрофални економски политики“.
Како дополнителен аргумент, од партијата посочуваат дека во изминатиот период имало и други отпуштања, меѓу кои и во проекти поврзани со „Бехтел и Енка“, како и затворање на погони во ТИРЗ зоните, при што повеќе работници останале без работа.
„Ова е реалноста денеска – затворени фабрики, отпуштени работници и неисплатени плати“, наведуваат од СДСМ, повикувајќи се и на последните податоци од Државниот завод за статистика, според кои бројот на вработени во индустријата во февруари 2026 година е намален за 3,4 проценти во однос на истиот месец минатата година.
Од партијата оценуваат дека Владата не работи во интерес на граѓаните, туку на, како што велат, „тесни бизнис интереси“, оставајќи ги работниците без поддршка и зголемувајќи го ризикот од сиромаштија.
СДСМ побара итна реакција од надлежните институции, со цел да се утврди одговорност за неисплатените плати, да се заштитат правата на работниците и да се обезбеди финансиска помош за погодените семејства.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

