македонија04 ноември 2024 Според Муртезани уставните измени ќе започнат, но одложувањето ќе ја загрози иднината на младите
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Тетово изјави дека уставните измени ќе почнат да се реализираат во моментот кога ќе се добие сигурност за исходот на тој процес. Оваа изјава доаѓа по средбата со градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, каде беа дискутирани повеќе важни прашања за европскиот пат на Македонија.
„Во јавните настапи на меѓународните претставници и во извештајот на Европската комисија јасно се наведува обврската за уставните измени како предуслов за почеток на преговорите. Јас и премиерот Мицкоски во неколку наврати посочивме дека нема спорни моменти во суштината на уставните измени. Сепак, сакаме да бидеме сигурни дека уставните измени нема само да го отворат процесот на преговори, туку дека тој процес ќе има конкретен и јасен крај. Кога ќе добиеме таква гаранција, уставните измени ќе можат да се имплементираат“, изјави министерот Муртезани.
Градоначалникот и претседател на Движењето Беса, Биљал Касами, не ја коментираше темата за уставните измени. Тој одговори на прашање за поддршка на здружението Албанска академија на науки и уметности во Советот на Општина Тетово. „Сме ја преземале обврската да ја поддржиме академијата, што е проект од значење за науката, а особено за албанската наука. Останува да се следи процедурата и администрацијата. Се надевам дека соработката на локално ниво ќе продолжи успешно до крајот на мандатот,“ изјави Касами.
Понатамошното одложување на процесот на уставните измени може сериозно да ја загрози иднината на Македонија, особено за младата генерација, која активно бара подобри услови за живот во својата татковина или, во спротивно, ќе биде принудена да ја напушти земјата и да бара подобар живот во странство.