Спасовски со критика до мнозинството: Одбивте закон за солидарност и правда за Кочани
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на прес-конференција во Собранието остро го критикуваше владејачкото мнозинство поради одбивањето да се поддржи нивниот предлог-закон за помош на семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Законот, кој не беше вклучен на дневниот ред на 48. собраниска седница, беше поддржан само од СДСМ и Левица. Според Спасовски, овој акт е повеќе од законски предлог – тој претставува морална и институционална обврска што произлегува од една од најголемите трагедии во државата, во која загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.
Предлог-законот предвидува финансиска, здравствена и психолошка поддршка за погодените семејства, не само од Кочани, туку и од други трагедии како Ласкарци и модуларната болница во Тетово.
Од друга страна, пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека нивната партија нема да даде поддршка на законот, оценувајќи го како политички мотивиран, лошо подготвен и во колизија со постоечките закони. Тој додаде дека со ваквиот пристап се создава правна нееднаквост и се фаворизираат жртви од одредени настани, што е спротивно на уставните начела.