18 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Една година по трагедијата во Кочани, емотивна порака од сопругата на возачот на Брза помош кој ги спаси повредените, а го загуби сопствениот живот од исцрпеност
Една година по трагичниот пожар во „Пулс“ во Кочани, јавноста повторно се потсетува на херојството на Илчо Гоцевски – возачот на Брза помош кој несебично се вложи во спасувањето на повредените, жртвувајќи го сопствениот живот.
Неговата сопруга, Анета Демерџиева Гоцевска, се огласи на социјалните мрежи со емотивна порака во која сведочи за болката што не стивнува ни по една година.
„Една година од трагедијата. Го загубив мојот сопруг, човек кој беше мојата сила, мојата поддршка и мојата најголема љубов. Болката не поминува, само човек учи да живее со празнината во душата што е создадена“, напиша таа.
Илчо Гоцевски, по потекло од делчевското село Звегор, живееше во Кочани и работеше како возач на Брза помош. Во кобната ноќ и ден што следеше, тој 32 часа без прекин транспортирал повредени пациенти од Кочани до скопските клиники.
Вкупно 11 пати ја минал релацијата до Скопје, не запирајќи и покрај исцрпеноста. По последниот транспорт, се повлекол да одмори, но за жал – не се разбудил.
Во својата објава, неговата сопруга го опишува како човек кој целиот живот го посветил на помагање на другите.
„Тој беше тивок херој, секогаш таму кога беше најпотребно. Не бараше признание, туку само сакаше да помогне“, пишува таа.
Анета се осврна и на поддршката што ја добила по трагедијата, издвојувајќи ја посетата од премиерот Христијан Мицкоски.
„Во такви моменти човек не гледа функција, туку гледа човек. Јас во него видов човек со големо срце, со топлина и искрена човечност. Неговото присуство ми даде чувство дека не сме сами во нашата тага“, истакна таа.
На крајот од својата порака, таа испраќа силна и достоинствена порака – дека човечноста останува најголемата вредност, а споменот за Илчо ќе продолжи да живее преку неговите дела.
Трагедијата во Кочани остави длабока рана, но херојството на Илчо Гоцевски останува траен потсетник дека и во најтешките моменти постојат луѓе кои без двоумење се ставаат во служба на другите.
Украден бакарен лим од покривот на црквата „Свети Великомаченик Ѓорѓи“ во Чаир
Маслото достигна 100 денари – граѓаните алармираат за поскапувања во маркетите
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

