10 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Независниот синдикат на професионални војници алармира за сериозен скандал во кој, според нивните тврдења, јавен обвинител од Штип вршел притисок врз професионален војник да ја повлече тужбата поднесена против 14 старешини од Армијата на Република Северна Македонија.
Како што информираат од синдикатот, на 20 јануари 2026 година поднеле кривична пријава против 14 старешини од Армијата. По пријавата, Основното јавно обвинителство во Штип отворило предмет и започнало постапка по случајот.
Според синдикатот, во текот на постапката јавниот обвинител кој постапува по предметот вршел притисок врз оштетениот припадник на Армијата, кој бил повикан во својство на сведок. Како што се наведува, обвинителот го убедувал војникот да ја повлече тужбата што претходно ја поднел пред надлежен суд, при што користел и информации за здравствената состојба на близок член од семејството на оштетениот.
Од синдикатот велат дека ваквото постапување претставува сериозен притисок врз сведокот и обид да се влијае врз исходот на случајот.
„Ова е уште еден показател дека се врши притисок врз јавното обвинителство со цел да се отфрлат пријавите против овие воени лица“, наведуваат од Независниот синдикат на професионални војници.
Тие потсетуваат дека ова не е прв случај на, како што велат, притисок од страна на припадници на Армијата врз институции. Пред неколку месеци, според нив, униформирани припадници на Армијата вршеле притисок врз членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со цел да се отфрлат претставките што синдикатот ги поднел против Министерството за одбрана и Армијата поради наводна дискриминација врз професионални војници.
Дополнително сомневање предизвикува и фактот што, според синдикатот, обвинителот изнесувал детали за здравствената состојба на член од семејството на оштетениот, информации за кои тие тврдат дека ги знаело само едно од пријавените лица во кривичната пријава.
„Прашањето е како јавниот обвинител дошол до тие информации и која е целта на барањата за повлекување на тужбата“, прашуваат од синдикатот.
Во соопштението тие упатуваат прашања и до државниот врв. Од синдикатот ја повикуваат претседателката на државата и врховен командант на Армијата, Гордана Силјановска Давкова, да одговори дали е запознаена со случувањата во Армијата и со постапките на дел од старешините.
Исто така, прашања се упатени и до министерот за одбрана Владо Мисајловски – дали е информиран за состојбите во Министерството и дали ќе преземе мерки за, како што велат, спречување на незаконското постапување на дел од воените старешини.
Од синдикатот нагласуваат дека носењето на воената униформа и чин претставува чест и одговорност, но, како што велат, тоа не значи дека некој е над законот.
Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, најави дека поради овој случај ќе поднесат претставка до Советот на јавни обвинители.
„Ќе бараме утврдување одговорност за нестручно, несовесно и непрофесионално вршење на должноста јавен обвинител и за вршење притисок врз сведок – оштетено лице“, изјави Насковски.
Денеска 9 март 2026 година се празнува Наоѓањето на главата на Свети Јован Крстител
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

