26 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, испрати јасна порака за придобивките од членството во Европската унија по средбата во Варшава со македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Сикорски нагласи дека иако постои живот надвор од Европска Унија, реалноста покажува дека земјите членки имаат значително повеќе придобивки.
„Секако дека има живот и надвор од Европската унија, но во Унијата е поубав. Ние добивме многу, додека од друга страна, Велика Британија изгуби многу по излегувањето од ЕУ и жали за тоа“, изјави Сикорски.
Тој додаде дека членството во Унијата значи влез во стабилно „семејство“ кое нуди економски можности, слободна трговија и солидарност меѓу земјите членки. Според него, ваквиот модел е спротивен на наративите на националистичките политики.
Министерот Тимчо Муцунски повтори дека членството во Европската унија останува врвен приоритет за Северна Македонија, и покрај предизвиците на патот.
„Нема сомнение дека наш приоритет е полноправното членство во Европската унија. Тоа е неостварена стратешка цел на нашата држава. Патот е сложен, но реформите што ги спроведуваме се во наш интерес“, истакна Муцунски.
Тој подвлече дека државата ќе продолжи да биде усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, нагласувајќи дека таа претставува систем на вредности.
Во меѓувреме, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, оцени дека Северна Македонија се соочува со неправедни услови на патот кон ЕУ.
Милановиќ изјави дека земјата треба самостојно да одлучи што е најдобро за неа, додавајќи дека постои живот и надвор од Европската унија.
Изјавите на европските и регионалните лидери повторно ја отворија дебатата за иднината на проширувањето на Европската унија и позицијата на Северна Македонија во тој процес. Иако ставовите се разликуваат, заедничко останува признанието дека членството носи значајни политички, економски и безбедносни придобивки.
Северна Македонија, како што потенцираа официјалните претставници, ќе продолжи по европскиот пат, но со јасно барање за фер третман, предвидливост и почитување на националните интереси.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

