Шукова: Чистата животна средина – врвен приоритет во локалната програма на СДСМ
Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, денеска на трибината „За Европа сега и одма“ во Куманово, порача дека заштитата на животната средина е суштински приоритет во Програмата на партијата за претстојните локални избори. Настанот беше организиран од Социјалдемократската младина на СДСМ.
Шукова истакна дека е неопходно животната средина да се гледа како предност, а не како трошок, и дека таа мора да се усогласи со европските стандарди. Во таа насока, СДСМ ќе се фокусира на намалување на јаглеродните емисии и создавање климатски неутрални општества.
„Климатски неутралното општество не е само идеал туку и реална цел која мора да стане темел на локалните политики. Тоа значи инвестиции во енергетска ефикасност, замена на постојните системи за греење со еколошки решенија, и поголема грижа за квалитетот на воздухот,“ нагласи Шукова.
Еден од столбовите во локалната програма на СДСМ ќе биде реформата на комуналниот сектор, каде што, според неа, се неопходни ефикасни и функционални услуги за граѓаните. Таа најави конкретни мерки и решенија за унапредување на општинските услуги, особено во делот на отпадот и водоснабдувањето.
Шукова потенцираше дека Македонија се соочува со сериозни предизвици – од загадениот воздух до неефикасното управување со отпадот. „Овој сектор ќе бара значителни напори и вложувања, но мора да се делува веднаш. Зимите ни ја покажуваат реалноста со загадувањето, а отпадот мора да почнеме да го третираме како ресурс, не како отпад“, рече таа.
Според Шукова, Македонија е една од ретките европски држави каде 95% од отпадот завршува на депонии. Таа посочи дека СДСМ ќе се залага за воспоставување системи за селекција и рециклирање на отпадот, со цел подобрување на квалитетот на животот и исполнување на европските стандарди.
Со оваа платформа, СДСМ испраќа јасна порака дека зелените политики не се само дел од декларации, туку суштинска обврска кон иднината на граѓаните и природата.