07 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Во најновото издание на подкастот Коридор 8, новинарот Насер Селмани упати остри критики кон политичката елита во земјава, обвинувајќи ја за долгогодишна неодговорност, институционален криминал и системска пљачка.
Во дел од разговорот, Селмани порача дека граѓаните, особено младите, ја напуштаат државата не поради моментални околности, туку поради децениска акумулација на неправда и разочараност.
Според Селмани, политичарите веќе 35 години ја водат државата на неодговорен начин, без суштински реформи и без визија за напредок. Тој потенцираше дека јавниот дискурс често го сведува проблемот на „корупција“, но според него, реалноста е многу подлабока.
„Некој ќе рече има корупција. Која корупција? Овде има пљачка“, истакна Селмани, додавајќи дека земјата со децении се соочува со систематско исцрпување на ресурсите.
Новинарот оцени дека криминалот не е изолиран феномен, туку, како што рече, „инсталиран“ во самите институции. Според него, токму тоа создава чувство на безизлезност кај граѓаните.
„Македонците сфаќаат дека оваа политичка елита не само што не ја води земјата напред, туку постојано ни создава проблеми и ни го отежнува животот“, нагласи тој.
Селмани смета дека иселувањето е директна последица на изгубената доверба во системот и отсуството на надеж дека нешто суштински ќе се промени.
Во своето излагање, Селмани повика на поголема одговорност и преиспитување на начинот на кој се управува со државата. Според него, без вистинска борба против институционалниот криминал и без рестартирање на системот врз принципи на отчетност и владеење на правото, трендот на иселување ќе продолжи.
Неговата изјава отвори прашања за одговорноста на политичките структури, но и за иднината на државата во услови на континуирана демографска ерозија и пад на довербата во институциите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

