10 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на прес-конференција изјави дека според сигурни извори од внатрешноста на владата постојат обиди да се забават или пренасочат работите поврзани со изградбата на Коридор 8.
Села тврди дека Владата преку финансиски притисок врз компанијата Bechtel & Enka се обидува да ги девијира и да ги запре работите на делниците што се дел од Коридорот 8.
Според него, на тој начин повторно се занемаруваат инфраструктурните проекти во регионот на Полог, како што тоа се случувало и во изминатите две децении. Тој нагласи дека ваквите одлуки го исклучуваат поврзувањето на градовите Тетово, Гостивар, Кичево и Струга со клучните патни правци.
Села потсети и на случајот со изградбата на автопатот Кичево–Охрид, каде што, според него, била променета трасата на Коридорот 8. Според најновите информации со кои располага неговата партија, постои намера да се запрат тековните активности на Коридорот 8, додека градежните работи би продолжиле на делниците Охрид–Битола и Битола–Прилеп, со што директно би се поврзале со Коридор 10D.
Тој додаде дека ваквите чекори укажуваат на тенденција да се остави Коридорот 8 недовршен. Според Села, со тоа индиректно се отвора простор за зајакнување на концептот на „Српскиот свет“ и поголемо влијание на Русија во регионот на Западен Балкан.
Села нагласи дека ваквите политики можат да имаат долгорочни последици врз регионалниот развој и геополитичката ориентација на земјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

