09 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села, побара оставка од министерот за правда Филков, поради, како што наведуваат, прекршување на правата на Албанците и непочитување на Уставот и законите во врска со употребата на албанскиот јазик.
Од партијата реагираат по денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, со која, според нив, биле потврдени два клучни факти што досега, како што велат, биле негирани или манипулирани од страна на владини функционери.
„Младите албански правници имаат право да го полагаат правосудниот испит на албански јазик. Досегашното одбивање на ова право претставува директно кршење на законите и на Уставот, поради што министерот за правда мора да понесе политичка одговорност“, соопштија од Алијансата за Албанците.
Од партијата потсетуваат дека со измените на Законот за употреба на јазиците од 2018 година, кои биле услов на АА за поддршка на тогашната Влада, албанскиот јазик е утврден како службен јазик на целата територија на државата и на централно ниво.
Алијансата оценува дека изјавите на премиерот не се доволни доколку не бидат проследени со конкретни институционални чекори. Тие бараат разрешување на сите функционери кои, како што велат, отворено заземале ставови против албанскиот јазик и правата на Албанците, со цел да се спречат слични случаи во иднина.
Дополнително, од АА бараат итно усогласување на сите закони и подзаконски акти со Законот за употреба на јазиците и со Амандманот V од Уставот.
„Доколку тоа не се случи, изјавата на премиерот ќе остане само политички маневар за да се прикаже како умерен и коректен кон Албанците, додека институциите продолжуваат да постапуваат спротивно“, порачуваат од Алијансата за Албанците.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

