Секуловска од Битола: Апсевте ВМРО-вци како Бугари, денес се китите со нивните идеали
Активистката за човекови права и борец за правата на Бугарите во Македонија, Ели Секуловска, остро реагираше на неодамнешната изјава на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која најави „креативни решенија“ во однос на Договорот со Бугарија.
„Нема креативни решенија. Сѐ е јасно, прецизно и точно“, порача Секуловска. Во нејзината реакција, таа ја потсети јавноста дека многу од оние кои денес се претставуваат како борци за независноста на Македонија, во минатото биле дел од систем кој ги апсеше и судеше луѓето што се залагаа за самостојна и независна држава.
„До вчера титовата пионерка, сега ВМРО-вка, која добро се ухлебила во стариот југословенски систем во кој сите вистински ВМРО беа апсени и судени како Бугари, сега вели дека нејзините се бореле за Македонија?“, прашува Секуловска, осврнувајќи се на политичката трансформација на Силјановска-Давкова.
Според Секуловска, борбата за Македонија се водела на друго место – на АСНОМ, кој според неа бил игнориран или репресиран од страна на тогашниот југословенски режим. „До 90-тите години ги апсевте луѓето кои беа за Независна и Самостојна Македонија, ги судевте како пробугарски елементи, за после да се пресоблечете во ултра-националисти.“
Во својата изјава, Секуловска не се воздржа ни од критика до локалната власт во Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски. Градот, според неа, е раскопан и нефункционален, со асфалтирани улици од „4-5 сантиметри“ со непознат квалитет, што се распукуваат на мали температурни разлики. „Замислете што ќе се случи кога ќе има мал земјотрес или ќе помине потешко возило“, предупреди таа.
Архитектка по професија, Секуловска споделува и професионални искуства од, како што вели, нефункционалниот систем на работа во градот: „Ми праќаат проекти кои немаат врска со она што е изградено. Ми бараат да нацртам електрични инсталации без архитектонски основи, па дури и фотоволтаици на полусрушени покриви.“
Се осврна и на идејата Македонија да стане „центар за азиланти“, за што вели саркастично: „Супер. Со ваков град и ваков народ, јас би направила уште пет депонии. Мигрантите имаат повеќе мозок од вас.“
Крајот на нејзината реакција остава горчлив вкус и силна политичка порака: „Или, милијардата мора да се испере, зар не?“
Изјавата на Секуловска, со својата искреност и отвореност, ќе предизвика реакции – и политички, и општествени. Но таа уште еднаш покажа дека нема намера да молчи пред, како што вели, „лажниот патриотизам“ и „институционалната неспособност“.