30 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Со солзи во очите и треперлив глас, Љубица, мајката на трагично починатата Ивана Јовановска, денеска во судницата даде потресно сведочење за долгогодишниот пекол низ кој поминувала нејзината ќерка.
Пред судот, таа ја отвори својата душа и ја раскажа болната вистина која, како што истакна, Ивана со години ја криела зад реченицата: „Ќе биде добро, мамо“. Иако се обидувала да ја заштити мајка си од вистината, насилството било видливо – модринките на нејзиното тело биле нем сведок на страдањето.
Најшокантниот дел од сведочењето се однесуваше на настан од 2021 година, кога, како што раскажа Љубица, добила повик по полноќ од својот зет, исполнет со навреди и агресија.
„Ја затекнав Ивана како ја гушка малата Катја, а тој беше агресивен. Пред мене тргна да ја удри, јас застанав помеѓу нив. Ивана само повторуваше: ‘Сè нека земе, и стан и сè, само ќерката нека ми ја остави’“, изјави мајката, едвај задржувајќи ги солзите.
Таа нагласи дека стравот кај Ивана бил постојано присутен. Непосредно пред трагедијата, кога ѝ однела храна, ја затекнала видно вознемирена и преплашена.
„Се тресеше од страв и ме молеше веднаш да си одам, да не дојде Стојанче и да не ми направи нешто“, сведочеше Љубица.
Ова сведочење уште еднаш ја отвора болната тема за семејното насилство и за тивките жртви кои со години страдаат во страв и неизвесност. Случајот на Ивана Јовановска е трагичен потсетник дека зад затворени врати често се кријат приказни кои ретко излегуваат на виделина – сè додека не биде предоцна.
Судењето продолжува, а јавноста со внимание го следи развојот на случајот, барајќи правда за Ивана и за сите жртви на семејно насилство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

