СДСМ: ЗНАМ и Димитриевски го признаа скандалот – следуваат целосни документи!
Во најновото соопштение за јавноста, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) остро реагираше на, како што велат, „историскиот корупциски скандал“ во кој е вмешан лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
Од СДСМ посочуваат дека Димитриевски и ЗНАМ, со својата „очајна реакција полна со лаги и празни обвинувања“, всушност го потврдиле скандалот кој денеска го објави партијата.
„Наместо да одговорат на јасно поставените прашања, ЗНАМ и Димитриевски се впуштаат во празни политички обвинувања. Како преку ноќ со купопродажба на земјиште се заработуваат 350.000 евра? Како ДУИ, партијата против која Максим жестоко се бореше, сега стана партнер со кој договара гласање за ДУП?“, прашуваат од СДСМ.
Партијата најави дека во наредниот период ќе објави целосна документација поврзана со случајот, за да ја информира јавноста за, како што велат, „вистинската позадина“ на овој случај.
Од СДСМ потсетуваат дека Димитриевски ги прекршил своите главни изборни ветувања – борбата за правда и спротивставувањето на ДУИ. „Максим Димитриевски со овој скандал се политички самоуништи во обидот да извлече лична корист од 350.000 евра“, стои во соопштението.
СДСМ истакнува дека ЗНАМ и Димитриевски се сведоа на „привезок на Мицкоски и ДПМНЕ“ и дека за своите постапки ќе бидат „жестоко казнети“ од граѓаните.
Партијата порачува дека нема да молчи и дека до крај ќе ги објави сите информации што ги поседува за овој случај.