13 април 2026
• од Станча Јаќимовски
СДСМ соопшти дека ја поздравува, како што наведува, „јасната и недвосмислена порака“ на унгарскиот политичар Петер Маѓар, кој најави дека идната унгарска власт ќе ги екстрадира сите меѓународни криминалци што се наоѓаат на територијата на Унгарија.
Во партиското соопштение, СДСМ потенцира дека оваа изјава претставува значаен пресврт во политиката на Будимпешта, особено во контекст на случајот со поранешниот премиер Никола Груевски, кој во 2018 година избега од земјата за да ја избегне затворската казна.
„Новата унгарска власт повеќе нема да обезбедува засолниште за луѓето кои бегаат од правдата. Маѓар експлицитно наведе дека Унгарија ќе ги испорача оние кои се кријат на нејзина територија и директно го означи Никола Груевски како криминалец“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека Груевски со години престојува во Унгарија под заштита на актуелната власт предводена од Виктор Орбан, што, според нив, претставувало пример на политичка заштита за осудени функционери.
СДСМ оценува дека со оваа најава „завршува ерата во која Будимпешта беше безбедно засолниште за корумпирани политичари“, нагласувајќи дека правдата не застарува и дека судските пресуди мора да се спроведат.
Во соопштението се упатуваат и остри критики кон ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, за кои СДСМ тврди дека со години го штителе Груевски.
„Сега дојде моментот правдата конечно да биде задоволена и Груевски да ја отслужи изречената казна во Македонија. Граѓаните долго го чекаа овој момент“, стои во соопштението.
Од СДСМ порачуваат дека следува период на „правда и одговорност“, изразувајќи очекување дека институциите ќе постапат согласно законите и меѓународните обврски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

