05 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) повторно апелира до Владата да престане со, како што велат, расипничкото и криминално трошење на јавните пари и да ги насочи средствата кон она што е најпотребно – зголемување на платите на работниците.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветаноски, истакна дека партијата поднела закон за зголемување на минималната плата на 600 евра, имајќи ја предвид тешката економска состојба, падот на животниот стандард и оправданите барања на синдикатите.
„Наместо да најде средства и да ги зголеми платите, ВМРО-ДПМНЕ тргна во жестоки медиумски напади – прво врз СДСМ, а потоа и врз синдикатите“, порача Цветаноски.
Според СДСМ, Владата тврди дека „нема пари“ за работниците, но истовремено има средства за сомнителни тендери, за планирање купување нов владин авион и за скапи службени патувања, како оние во Давос, финансирани со државни пари.
„Затоа веднаш беше активирана партиската говорница на ВМРО и медиумите под нивна контрола. Секојдневно се напаѓа СДСМ, затоа што вистината е болна за власта“, нагласи Цветаноски.
Таа потсети дека СДСМ во изминатиот период неколкупати поднесувала закони за зголемување на платите и подобрување на животниот стандард, но сите биле одбиени од парламентарното мнозинство.
„ВМРО и Христијан Мицкоски си поигруваат со достоинството на работниците. Наместо решенија, гледаме црна кампања, потсмев и уцени – јавни пораки кого ќе ‘чекале во четврток’ и какви услови ќе поставувале“, соопшти СДСМ, оценувајќи го ваквиот однос како арогантен и понижувачки за луѓето кои едвај врзуваат крај со крај.
Од партијата порачуваат дека Владата треба да престане со нападите и да се фокусира на обезбедување пари за повисоки плати.
„Доволно е да се откаже од криминалните тендери и парите ќе се најдат. Минимална плата од 600 евра не е луксуз – тоа е минимум за достоинствен живот“, порачуваат од СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

