19 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
СДСМ денеска излезе со соопштение во кое ја критикува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, обвинувајќи ја дека се залага за набавка на нов, поголем и полуксузен владин авион, наместо да се фокусира на економските проблеми на граѓаните.
Според СДСМ, Сиљановска-Давкова досега летала со владиниот авион 13 пати и, како што наведуваат, не објаснила колку тие летови ги чинат граѓаните. Од партијата тврдат дека претседателката ретко се огласува за прашања како ниските работнички плати и поскапувањата, но затоа јавно зборувала за потребата од поголем авион.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека власта нема слух за зголемување на минималната плата, која според нив треба да достигне 600 евра.
Во соопштението се оспорува и тезата дека комерцијалните летови се поскапи од користењето на владиниот авион. Од СДСМ тврдат дека еден лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, што, според нив, е значително повеќе од билет во економска класа на редовен лет.
Опозицијата поставува и прашања дали претседателката разговарала со странски колеги за нискиот животен стандард во земјата и за висината на минималната плата, за која велат дека е најниска во регионот.
„За тоа не се зборува, туку само за луксузи и авиони“, порачуваат од СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

