05 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Влијанието на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Македонија продолжува да се шири, овојпат и во енергетскиот сектор. По медиумите, телекомуникациите и финансискиот сектор, најновите наоди укажуваат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ отвора врата за влез на компании поврзани со унгарски бизнис-структури блиски до Орбан и во клучната енергетска инфраструктура на државата.
Според Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, усвоен од Владата, се предвидува реализација на когенеративна гасна централа вредна околу 445 милиони евра. Како потенцијален учесник во проектот се појавува компанијата „Статус Енерџи ДОО Скопје“.
Оваа фирма е ќерка-компанија на унгарската Status Energy KFT, која е дел од Status Energy Private Equity Fund. Истражувањата покажуваат дека фондот е индиректно поврзан со Виктор Орбан преку сложена сопственичка структура што води до OPUS Global – компанија под контрола на унгарскиот бизнисмен Лоринц Месарош.
Месарош, долгогодишен пријател и сојузник на Орбан уште од детството во селото Фелчут, е еден од најбогатите луѓе во Унгарија. Од поранешен гасен инсталатер, тој стана милијардер по доаѓањето на Орбан на власт во 2010 година, главно преку државни договори и јавни проекти. Неговиот имот, според меѓународни анализи, се зголемувал драматично од година во година, а често е опишуван како клучен бизнис-посредник во системот на Орбан.
Преку мрежа на приватни инвестициски фондови, меѓу кои и Status Energy Private Equity Fund, Месарош инвестира во енергетиката, банкарството, медиумите и инфраструктурата. Овие фондови, според аналитичари, служат како алтернатива на офшор-компаниите и овозможуваат прикривање на вистинската сопственост и финансиските текови.
OPUS Global под негово водство прерасна во таканаречен „национален шампион“ со значајно присуство во енергетскиот сектор, туризмот, земјоделството и медиумите, профитирајќи од големи државни проекти, вклучително и инфраструктурни зафати со странски партнери.
Паралелно со ова, истражувачките новинарски мрежи ИРЛ и Oštro во минатото објавија информации за унгарски бизнис-структури поврзани со медиумското влијание на ВМРО во Македонија. Дел од тие истражувања укажаа на сомнителни „рекламни договори“ и фиктивни бизниси, користени како механизам за трансфер на значителни финансиски средства кон медиуми под политичка контрола.
Во 2020 година, унгарскиот бизнисмен Шац беше обвинет во Македонија за даночна измама поради непријавен приход од околу 190.000 евра преку компанијата CHS Invest Group, што дополнително ги засили сомнежите за нетранспарентни финансиски практики.
Од СДСМ оценуваат дека ништо од ова не е случајно и дека станува збор за јасен политички проект на ВМРО-ДПМНЕ за ширење на влијанието на Орбан во земјата. Според партијата, ваквите процеси ја изложуваат Македонија на странско политичко и економско мешање, дезинформации и нетранспарентни финансиски текови, со што државата се оддалечува од европските вредности и се приближува кон авторитарни режими и геополитички интереси поврзани со Русија.
Соопштение за јавност СДСМ
Возачите на ЈСП ќе ги плаќаат казните од свој џеб за сообраќајни прекршоци
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

