СДСМ: Криминални банди хараат по улиците, Тошковски најнеспособен министер
Ситуацијата со безбедноста во државата е алармантна, обвинуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), реагирајќи на серијата инциденти и криминални пресметки кои последните денови ја потресуваат јавноста.
„Државата е претворена во Див Запад, а македонските улици се небезбедно место каде што сред бел ден се случуваат крвави пресметки и убиства, дури и пред полициски станици“, стои во соопштението на СДСМ.
Партијата укажува на тоа дека во моментов недостасуваат и превенција и ефективен безбедносен систем, а истрагите против криминалот и корупцијата се неефикасни. Според нив, граѓаните секојдневно живеат во страв од насилни инциденти и криминални дејства.
СДСМ директно го обвини Панче Тошковски, актуелниот министер за внатрешни работи, за целокупната состојба, нарекувајќи го „најнеспособниот министер“ кој, според нив, потфрлил во секој аспект на својата функција. Од таму бараат негова оставка, истакнувајќи дека токму неговата неспособност е една од причините за охрабреноста на насилните групи откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт.
„Ова не е систем, ова е системски распад на безбедносниот апарат“, предупредуваат од СДСМ.