23 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција обвини дека актуелната власт спроведува свесна стратегија за дефокусирање на јавноста од, како што рече, „најголемите скандали“ поврзани со шверцот на дрога и сомнежите за институционална вмешаност.
Кузеска тврдеше дека враќањето на Артан Груби е договорено меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека станува збор за координиран политички маневар со цел да се пренасочи вниманието од актуелните афери.
„Како нема ниту една камера од 65 илјади камери за 5 тони дрога, а има камери за Груби?“, праша Кузеска, алудирајќи на системот за видео-надзор во државата и на селективното, според неа, медиумско покривање.
Според портпаролката, повеќе од 20 дена јавноста не добива одговор како 5 тони дрога ја преминале државната граница.
Таа посочи дека пратката била транспортирана под називот „лесни македонски перници“, што, како што наведе, укажува на сериозен пропуст или евентуална вмешаност на институции.
„Замешани се и од царината и од полицијата, и од други институции под контрола на владејачката структура и на Мицкоски“, изјави Кузеска, директно посочувајќи кон премиерот Христијан Мицкоски.
Дополнително, Кузеска ја критикуваше и работата на Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, истакнувајќи дека повеќе од 80 дена нема реакција во врска со случајот.
Таа потсети и на, како што ги нарече, „тендерски скандали“ кои, според СДСМ, водат до најтесниот круг околу премиерот.
Наместо транспарентна истрага и утврдување одговорност, Кузеска оцени дека јавноста сведочи на медиумски спектакли.
„Граѓаните нема да добијат одговори на прашањата, но ќе добијат театар“, рече таа, додавајќи дека секој обид за отворање на тема поврзана со дрогата бил проследен со, како што наведе, нова сензационална објава од страна на власта.
На крајот од прес-конференцијата, Кузеска порача дека одговорност мора да има.
„Ова нема да помине. Секој што го прекршил законот ќе одговара“, истакна портпаролката на СДСМ, нагласувајќи дека партијата ќе продолжи да бара институционална и кривична одговорност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

