13 април 2026
• од Тодор Вангелов
СДСМ денеска излезе со остра реакција по политичките случувања во Унгарија, оценувајќи дека поразот на Виктор Орбан и победата на Тиса и Петер Маѓар претставуваат „историски пресврт“ со директни последици и за македонската политичка сцена.
Во партиското соопштение се наведува дека исходот од изборите во Унгарија означува крај на, како што велат, „долгогодишниот срам за Македонија“, алудирајќи на престојот на поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта.
„Никола Груевски, осудениот бегалец и симбол на корупција и злоупотреба на власта, повеќе нема заштитник во Будимпешта. Со години уживаше гостопримство од Виктор Орбан, кој го штитеше од правдата“, соопштуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека новата политичка констелација во Унгарија отвора можност за негова екстрадиција. Според нив, Груевски сега се соочува со избор – дали да ја напушти Унгарија или да биде вратен во Македонија за издржување на затворската казна.
СДСМ воедно го повикува новото унгарско раководство, предводено од Петер Маѓар, да постапи согласно најавите за испорачување на лица кои се во бегство од правдата.
„Идниот премиер на Унгарија јавно соопшти дека е подготвен да ги испорача сите бегалци од правдата. Тоа е јасен сигнал дека правдата може да биде задоволена“, се наведува во реакцијата.
Во соопштението се упатува и критика кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за кого СДСМ тврди дека останал без значаен меѓународен сојузник.
„Неговиот шеф во Будимпешта остана без заштитник, а ВМРО остана без клучниот сојузник“, стои во партиското соопштение.
СДСМ дополнително ги повика надлежните институции веднаш да иницираат постапка за екстрадиција на Груевски, нагласувајќи дека „правдата, колку и да доцни, на крајот мора да стигне“.
Од партијата порачуваат дека актуелните политички промени претставуваат можност за зацврстување на европскиот курс на државата.
„Време е за Европа. Време е за правда“, се наведува во завршницата на соопштението.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

