13 април 2026
• од Станча Јаќимовски
СДСМ излезе со остро соопштение во кое повика на целосна истрага за, како што наведуваат, „тајните бизнис комбинации“ меѓу унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако Орбан беше поразен на парламентарните избори во Унгарија по 16 години власт, со што, според партијата, се отвора простор за откривање на потенцијални регионални политичко-бизнис врски.
Во соопштението, СДСМ тврди дека Мицкоски „ги ставил стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан“, не во интерес на државата, туку за лични и бизнис цели.
Партијата наведува дека значителен дел од медиумскиот простор во земјата бил под влијание на лица блиски до Орбан. Според нив, преку унгарски бизнисмени како Петер Шац и Агнеш Адамик биле купени медиуми кои, како што велат, функционираат како „пропагандна машина“ во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ посочува и на доделувањето лиценца за трет мобилен оператор на унгарската компанија 4iG, која стои зад брендот One Macedonia. Според нив, ова овозможило интеграција на медиуми, дигитални платформи и телекомуникациска инфраструктура под централизирано влијание.
Во делот за енергетика, опозицијата тврди дека преку поврзани компании, меѓу кои и „Статус Енерџи“, постоело влијание од кругови блиски до Орбан во стратешки сектори како енергетиката и железничката инфраструктура. Се споменуваат и врски со фондови и компании поврзани со унгарскиот бизнисмен Лоринц Месарош.
СДСМ дополнително обвинува дека унгарската влада обезбедила кредит од околу една милијарда евра за македонската влада, под услови кои, според нив, ќе имаат долгорочни последици за јавниот долг. Во соопштението се наведува дека средствата биле дел од поширок пакет за политичка и медиумска поддршка.
Од СДСМ најавуваат дека ќе иницираат институционална истрага за сите наводни договори и бизнис релации меѓу Орбан и Мицкоски.
„Сите овие договори мора да бидат детално истражени“, порачуваат од партијата, додавајќи дека јавноста има право да знае дали и како биле загрозени државните интереси.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

