СДСМ алармира: Димитриевски и ДУИ во коруптивна спрега
Не стивнуваат реакциите по изгласувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај поранешен ЧИК Куманово, каде што треба да се гради маркетот „Лидл“. Од СДСМ остро обвинуваат дека целата процедура — од измените до изгласувањето на планот — е обележана со сомнежи за корупција и незаконски дејствија.
На денешната прес-конференција, советничката група на СДСМ и коалицијата во општина Куманово алармираа дека станува збор за „криминал чист како солза“, во кој, според нив, се вмешани претседателот на движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, и партијата ДУИ.
„Ова што го режираше Димитриевски, поддржан од советниците на ДУИ, треба да влезе во книгите за организиран криминал и корупција,“ изјави советничката на СДСМ, Атина Мургашанска. Таа потсети дека првиот обид за носење на ДУП-от пропаднал поради судир на интереси во советот, но дека на крајот Димитриевски, со поддршка на советниците од ДУИ, успеал да го протурка планот.
СДСМ укажува на класична шема на тргување со влијание и злоупотреба на службена положба. „Како тоа ДУИ, која на хартија е опозиција, гласа за предлог на градоначалник кој нема мнозинство? Или кога е бизнис во прашање, добри се?“ праша Мургашанска.
Според СДСМ, сомнителноста не завршува тука. Мургашанска информираше дека тендерот за продажба на државното земјиште во индустриската зона Речица бил распишан во 2023 година, а потоа парцелата директно била продадена на „Лидл“ за 5,5 милиони евра. Криминалот, како што тврди СДСМ, започнал два месеци по оваа продажба.
„Друга парцела, во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, била купена од неговиот кум, Драган Митевски, за 250.000 евра. По само неколку дена, истата парцела била препродадена на ‘Лидл’ за 600.000 евра. Кумот на Димитриевски заработил 350.000 евра за само неколку дена,“ посочи Мургашанска, поставувајќи прашање до градоначалникот дали може да ги „поучи“ граѓаните како се прави таков профит.
Од СДСМ бараат сите надлежни институции да го истражат случајот и да утврдат дали навистина станува збор за корупција и злоупотреба на службената положба.