23 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Опозициската СДСМ обвини дека во земјава веќе е активирана спиралата на поскапување на прехранбените производи, оценувајќи дека Владата предводена од Христијан Мицкоски доцни со реакција и не презела навремени мерки за ублажување на ценовниот шок.
Во пресрет на најавената владина седница на која треба да се разгледуваат мерки за последиците од растот на цените на горивата, од СДСМ посочуваат дека граѓаните веќе ги чувствуваат ефектите преку повисоки цени во маркетите.
„Започнати се поскапувањата во маркетите. Маслото за јадење е над 100 денари, јајцата се над 300 денари, а зеленчукот и овошјето се продаваат по цена над 100 денари за килограм“, наведуваат од партијата.
Според СДСМ, Владата реагира предоцна, за разлика од другите земји во регионот кои, како што тврдат, веднаш презеле конкретни чекори за заштита на стандардот на граѓаните. Како примери ги наведуваат намалувањето на акцизите во Црна Гора и Албанија, како и замрзнувањето на цените на горивата во Босна и Херцеговина и Хрватска.
Од партијата упатуваат критики дека ненавременото постапување е намерно и во корист на одредени бизнис интереси, додавајќи дека се очекува и нов раст на цените на горивата, што дополнително ќе влијае врз цените на храната.
„Дури и ако цените на светските берзи се стабилизираат, цените во маркетите нема да се намалат“, предупредуваат од СДСМ.
Тие сметаат дека најавеното намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти нема да има значителен ефект врз животниот стандард на граѓаните и предлагаат порадикален пакет мерки.
Меѓу предложените решенија се: намалување на ДДВ за горивата на 5 проценти, намалување на акцизата за 4 денари по литар, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цените на патарините.
„Овие мерки ќе значат долгорочно и сеопфатно решение и реално намалување на цените на горивата и храната, со што ќе се заштити стандардот на граѓаните во услови на криза“, порачуваат од СДСМ.
ДУИ: Албанците се изоставени од унапредувањата, институциите да дадат одговори
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

