02 март 2026
• од Гоце Кически
Во интервју за Слободен печат, евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, испрати јасна порака: договорите на Европската Унија не предвидуваат „второ ниво“ членство, ниту членство без право на глас или вето.
„Договорите на ЕУ јасно не прават никаква референца на второ ниво, ако можам така да кажам, членство, или членство без права, односно без право на глас или право на вето. Ако сакате да направите такви промени, треба да се ревидира договорот, а тоа бара едногласност во Унијата“, нагласува Рокас.
Во контекст на изјавите од регионални лидери за можноста од членство без право на вето, Рокас појаснува дека таков модел не постои во актуелната правна рамка на Унијата.
Тој потенцира дека евентуални измени би барале ревизија на основачките договори и едногласна согласност од сите земји членки – сложен и долг процес.
„Не велам дека е невозможно да се смени договорот, но тоа бара процес и едногласност. Значи, ништо не е невозможно“, вели евроамбасадорот, додавајќи дека тековната дебата за поефикасна ЕУ не смее да биде замена за исполнување на постојните обврски.
Голем дел од разговорот беше посветен на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Рокас оцени дека измените на Кривичниот законик во 2023 година претставувале сериозен удар врз антикорупциските напори.
„Проблемот нема да се реши со добар закон. Тоа е почеток. Тоа е основата. Проблемите ќе се решат кога предметите ќе излезат пред лицето на правдата, ќе има правична постапка и ќе има цврст исход без политичко мешање“, истакнува тој.
Според него, охрабрувачки се подготовките за нов, сеопфатен Кривичен законик, како и активностите на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот и на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Сепак, клучот е во имплементацијата: „Без закони не можеме да имаме имплементација, но без имплементација законите се само хартија.“
Во врска со актуелниот случај со Артан Груби, Рокас остана воздржан, потенцирајќи дека ЕУ не коментира тековни судски случаи.
„Она што го очекуваме е целосна примена на владеењето на правото, правична постапка, транспарентност, да нема политичко мешање и еднаквост на секој граѓанин пред законот“, нагласи тој.
На прашањето дали бил изненаден кога го видел Груби на граница, кратко одговори: „Оваа земја ме научи дека изненадувањата се секојдневни.“
Евроамбасадорот повтори дека уставните измени се преземена обврска од 2022 година и предуслов за продолжување на преговорите.
„Тоа е прашање на кредибилитет. Кредибилитетот носи доверба“, изјави Рокас, додавајќи дека обврските мора да се исполнуваат за да се зачува довербата меѓу двете страни.
Тој посочи дека поддршката за ЕУ останува висока – над 70 проценти, а кај младите и до 80 проценти – што, според него, е силен сигнал дека европската перспектива има широка општествена основа.
Говорејќи за забелешките од Брисел за ограничени административни капацитети, Рокас потенцираше дека проблемот не е во бројот на вработени, туку во квалитетот, ефикасноста, меритократијата и деполитизацијата.
„Не е важно само да се ‘штиклира поле’ и да се каже дека имаме закон. Мора да биде вистинскиот закон“, истакна тој, додавајќи дека ЕУ нуди широка техничка поддршка, но фокусот мора да биде на суштински реформи.
Во однос на проширувањето и војната во Украина, Рокас оцени дека конфликтот ја направил политиката на проширување геостратешки императив.
„Украина успева да напредува со реформите во услови на војна, што е навистина извонредно“, рече тој, додавајќи дека овој момент отвора реален прозорец на можности и за Западен Балкан.
Пораката на евроамбасадорот е недвосмислена: нема скратен пат до ЕУ, ниту алтернативни модели на членство надвор од постојните договори. Реформите, владеењето на правото, борбата против корупцијата и исполнувањето на преземените обврски остануваат единствениот пат напред.
Благојче Атанасоски: Македонија секојдневно живее во деветтиот круг на пеколот
ИДФ: Елиминирани лидери на „иранската терористичка оска“ во ескалација на конфликтот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

