05 февруари 2026
• од Гоце Кически
Европската Унија очекува Северна Македонија целосно да ги исполни уставните и законските обврски за финансирање на судството, без релативизирање преку споредби со други земји, порача амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, во интервју во кое се осврна на актуелната дебата за судскиот буџет во рамки на реформската агенда.
Изјавата доаѓа откако Владата најави дека ќе отвори дијалог со Брисел за, како што вели, „корекција на процентите“ за издвојување средства за судството и обвинителството, аргументирајќи дека, според одредени анализи на Советот на Европа, Северна Македонија веќе издвојува повеќе од некои земји-членки на ЕУ.
Според Рокас, суштината на европската позиција не е во споредбите, туку во почитувањето на домашната правна рамка. „Од наша страна, пораката е јасна: Северна Македонија треба да го обезбеди финансиското ниво за судството онака како што е предвидено во сопствениот Устав и законите на државата“, нагласи тој.
Тој потенцира дека ваквата обврска не е формална, туку директно поврзана со реалната состојба на терен – состојба која, според него, е алармантна.
Амбасадорот изнесе конкретни податоци кои ја илустрираат длабочината на проблемот: околу 30 проценти од судиските позиции се празни, додека недостигот од стручен и административен кадар изнесува дури 60 проценти. Покрај тоа, судството и обвинителството се соочуваат со сериозен недостиг од основна инфраструктура – соодветни простории, опрема, ИТ системи и специјализирани лаборатории за јавното обвинителство.
„Ситуацијата е навистина тешка“, оцени Рокас, додавајќи дека без решавање на овие структурни слабости, не може да се зборува за ефикасен правосуден систем.
Како дополнителен проблем, тој ја посочи состојбата со Академијата за судии и јавни обвинители, која претставува единствен канал за регрутација на нов кадар и пополнување на местата по пензионирање. И покрај нејзината клучна улога, Академијата, според него, нема доволен буџет за обука, што директно го загрозува обновувањето и квалитетот на судскиот кадар.
Рокас заклучи дека дебатата за буџетот не треба да се води како политичко надмудрување, туку како прашање од јавен интерес. „Само кога правосудниот систем ќе има доволен број судии, соодветен помошен кадар, модерна опрема и дигитални системи, може да стане поефикасен. А токму тоа го очекуваат граѓаните на оваа земја“, рече тој.
Пораката од Брисел, барем засега, е јасна: реформите во владеењето на правото не можат да се спроведат со минимални средства, ниту со селективно толкување на уставните обврски
Возачите на ЈСП ќе ги плаќаат казните од свој џеб за сообраќајни прекршоци
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

