05 февруари 2026
• од Гоце Кически
Во интервју, амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, јасно ги артикулираше трите предуслови што мора да се финализираат за да започнат преговорите по кластери.
Во интервјуто, Рокас ја поедностави пораката „за гледачите полесно да разберат“: кога ќе бидат комплетирани планот за владеење на правото, планот за јавна администрација и акцискиот план за заедниците што се самоидентификуваат како малцинства, земјата ќе биде технички подготвена да влезе во следната фаза на преговорите.
Според амбасадорот, планот за јавна администрација веќе е подготвен. За акцискиот план за заедниците, првата јавна консултација се одржала во декември, при што документот бил изработен со значителен ангажман на домашните институции и со поддршка од Советот на Европа. Во меѓувреме биле доставени повеќе амандмани и позиции, а процесот ќе продолжи со нови рунди консултации.
„Важно е овие сугестии да се земат предвид“, нагласи Рокас, посочувајќи дека суштината не е само формално усвојување, туку квалитетна инкорпорација на забелешките.
Третиот документ — планот за владеење на правото — останува најчувствителниот сегмент, не само поради техничките стандарди, туку и поради перцепцијата во јавноста и во годишните извештаи на ЕУ.
Рокас не ја заобиколи констатацијата од последниот извештај на Европската Комисија за „извесна стагнација“ во владеењето на правото и реформите. Но, во исто време, тој зборуваше за „ново темпо, нов импулс и нов моментум“, особено по локалните избори.
„Гледам засилена работа по сите точки од реформската агенда“, истакна тој, додавајќи дека предлог-документите се доставени во предвидениот рок и сега се предмет на оценка во Комисијата.
Оваа оценка, според дипломатската логика, не е формалност. Таа ќе го одреди кредибилитетот на напредокот — дали станува збор за суштински реформи или за административно исполнување на обврски.
Една од пораките што јасно се чита меѓу редови е дека брзината повеќе не е доволна. „Се надевам дека квалитетот е таму“, рече Рокас, алудирајќи дека следната фаза нема да се отвори само врз основа на исполнети чек-листи, туку врз основа на доверба во институционалната способност за спроведување.
Ова е особено важно во контекст на владеењето на правото — област каде ЕУ во изминатите години стана значително построга и поексплицитна кон земјите кандидати.
Додека владата и опозицијата имаат различни толкувања за степенот на исполнетост на обврските, пораката од Брисел е технички прецизна: постојат јасно дефинирани документи, јасни чекори и јасна процедура. Нивното финализирање е предуслов за старт на преговорите по кластери.
Во таа рамка, процесот не се сведува на политичка дебата, туку на административна и правна подготвеност.
Изјавите на Рокас упатуваат дека Северна Македонија се наоѓа во фаза кога постои реален „прозорец на можности“. Не поради политичка одлука, туку поради тоа што институционалните задачи се јасно мапирани и достижни.
Доколку трите документи бидат финализирани со очекуваниот квалитет и ако реформскиот импулс што тој го забележува навистина продолжи, техничката подготвеност за почеток на преговорите може да стане реалност во релативно краток рок.
Пораката на амбасадорот е внимателно балансирана меѓу критика и охрабрување: има забележана стагнација, но има и видлива динамика; има обврски што мора да се исполнат, но и јасен пат како тоа да се направи.
Во суштина, топката е повторно во домашниот терен — во способноста институциите да испорачаат квалитетни реформи што ќе ја претворат европската перспектива од политичка цел во административно остварлива фаза.
Возачите на ЈСП ќе ги плаќаат казните од свој џеб за сообраќајни прекршоци
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

