23 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Поранешниот бугарски претседател Румен Радев изрази став дека Северна Македонија треба што е можно поскоро да стане членка на Европска Унија, но само по исполнување на преземените обврски. Во интервју за германскиот весник Berliner Zeitung, Радев потенцира дека процесот на проширување мора да се темели на јасни критериуми и почитување на европските принципи.
Радев истакнува дека државите од Западниот Балкан со децении го очекуваат членството во ЕУ и во меѓувреме спроведуваат комплексни и често непопуларни реформи во економијата, јавната администрација и владеењето на правото. Според него, фокусот на Унијата во моментов е насочен кон Украина поради воените случувања, но тоа не смее да значи запоставување на регионот.
Тој предупредува дека избрзани одлуки би можеле да ги поткопаат европските стандарди. Во контекст на евроинтеграциите на Украина, Радев оценува дека земјата има уште значителна работа за да ги исполни критериумите за членство.
Во однос на Северна Македонија, Радев е јасен дека почетокот на преговорите со ЕУ е условен со внесување на Бугарите во Уставот како рамноправен народ, во согласност со европскиот консензус од јули 2022 година.
„Согласно Европскиот консензус од јули 2022 година, РСМ треба да го промени својот устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите државотворни народи и дури тогаш преговорите за членство во ЕУ можат да започнат. Тоа е тежок, но неопходен процес и би сакале да ја видиме РСМ што е можно поскоро во ЕУ“, изјави Радев.
Тој нагласи дека Бугарија нема интерес од создавање нови бариери, туку напротив – се залага за отворени граници и слободна комуникација меѓу граѓаните од двете држави. Според него, целта е луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и соработуваат.
Изјавите на Радев повторно го ставаат во фокус прашањето за уставните измени во Северна Македонија, кои остануваат клучен услов за формален почеток на преговорите со Европската Унија.
СДСМ: „Како нема ниту една камера за 5 тони дрога, а има камери за Груби?“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

