Проф. Христова: Граѓаните не заслужуваат мрак поради партиски игри!
Професорката по француски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Дореана Христова, во свој став посочува дека Северна Македонија мора да престане да биде заложник на политички игри и енергетски уцени, и да се насочи кон градење на сопствена енергетска независност. Таа остро ги критикува честите прекини на електричната енергија, кои според неа се резултат на политички манипулации и недостиг на визија – споредлива со практиките од минатото.
Наместо да се поднесуваат, како што ги нарекува, „хистериите“ на политичари како Христијан Мицкоски или неговата партија, Христова повикува на сериозен стратешки фокус кон модерна енергетска инфраструктура – конкретно, кон користење на нуклеарна енергија.
Во тој контекст, Франција е истакната како светски и европски лидер во изградбата на нуклеарни централи, со традиција што датира уште од времето на претседателот Франсоа Митеран. Христова укажува на примерот со нуклеарната централа EPR што Франција моментално ја гради во Норвешка, како доказ за нејзината технолошка и експертска моќ.
„Тоа би можело да стане одличен начин Северна Македонија да добие своја стратешка автономија во однос на соседите“, пишува Христова, алудирајќи на потребата од безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија, без зависност од надворешни фактори.
Дополнително, таа се осврнува и на иднината на чистата енергија преку развојот на фузионата технологија, која веќе е во напредна фаза и не произведува радиоактивен отпад. Франција, според Христова, веќе работи на проекти поврзани со т.н. LITTER систем кој користи водород и други природни елементи, вадејќи ги дури и од морската вода.
Нејзината порака е јасна: време е Северна Македонија да размислува државнички и стратешки, а не партиски и реактивно. Решението не е во обвинувања и политички театар, туку во храбри инвестиции во иднината – нуклеарната енергија е една од нив.