Проф. Христова: Георгиевски и Заев покажаа државничка смелост, за разлика од сегашната власт
Професорката по француски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Дореана Христова, преку објава јавно изрази поддршка за Зоран Заев, Венко Филипче и Љубчо Георгиевски, истакнувајќи ја нивната улога во градењето на проевропска и НАТО-ориентирана македонска држава.
Таа потсетува дека Георгиевски беше првиот што се зафати со создавање на македонска проевропска и НАТО држава, потпишувајќи го Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на конфликтот во 2001 година и се воведе принципот на Бадинтер. Понатаму, таа го нагласува придонесот на Заев во носењето на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија – два клучни чекора за европската интеграција на земјата. Со тоа, како што наведува, се обезбедило меѓународно признавање на името Северна Македонија и се поставила рамка за одржување добри односи со соседите, што е европски стандард.
Христова подвлекува и дека членството на Македонија во НАТО, постигнато под раководство на Заев, е предуслов за ЕУ членство. Таа смета дека негирањето на овие заслуги доаѓа или од лична завист или од антиевропски интереси, како што според неа е случај со Христијан Мицкоски и актуелната влада, која ја опишува како екстремистичка.
Во објавата се осудува задолжувањето на државата со огромни суми од Унгарија и Англија, кое, според Христова и изјавата на Филипче, е направено на штета на граѓаните, наместо да се користат достапните ЕУ грантови. Таа смета дека ваквиот пристап ја поткопува европската иднина на земјата.
Како клучна пречка за евроинтеграциите, Христова не ја гледа во Бугарија, туку во – како што ја нарекува – „просрпската ad acta мицковска политика“, за која, според неа, треба да следуваат соодветни политички санкции.