25 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Обидот на институциите да воспостават контрола врз добитокот што со месеци слободно се движи низ кривопаланечкиот регион денеска прерасна во тензична и динамична акција на терен. Наместо мирно прибирање на животните, ситуацијата ескалираше во расправии, трчање по ридовите и турканици меѓу присутните, пренесе Телма.
Во Крива Паланка инспектори од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), со асистенција на Министерство за внатрешни работи (МВР), се обидоа да ги приберат кравите кои подолг период се движат без контрола. Акцијата следуваше по бројни реакции и поплаки од граѓани за штети и небезбедност. Дел од животните биле лоцирани и натоварени кај помошен објект во близина на градскиот базен, објави 4news.mk.
Сепак, интервенцијата не помина без отпор. Членови на семејството на сопственикот активно се обидувале да ги оттурнат кравите од инспекторите и да ги насочат кон повисоките, планински предели, со цел да го спречат нивното одземање. Меѓу најгласните била Јулија Ѓорѓиевска, ќерка на сопственикот, која трчала по стадото обидувајќи се да го оттурне од службените лица.
Во еден момент, службени лица се обиделе да ја сопрат, по што ситуацијата дополнително се вжештила. Според информации од терен, имало турканици, а дел од службениците пријавиле дека биле физички попречувани при извршување на службената задача.
Од вкупно околу 500 грла добиток, денеска биле заловени само десетина. Останатиот дел од стадото и понатаму се движи низ околните ридови и пасишта, што значи дека проблемот не е решен.
Сопственикот Гоце Ѓорѓиевски изјавил дека нема спор со институциите, но инсистира неговите крави да бидат соодветно згрижени. Тој посочил дека семејството повеќе од три децении се грижи за добитокот и дека очекува институционално решение што ќе ги заштити и животните и нивниот труд.
И покрај денешната интервенција, прашањето за слободното движење на добитокот во кривопаланечкиот регион останува отворено. Надлежните институции најавуваат понатамошни активности, додека локалната јавност очекува трајно решение што ќе спречи идни инциденти и ќе воспостави ред на терен.
Прв ден без прекршок за поминување на црвено од стартот на „Безбеден град“
Бугарија меѓу водечките дестинации за германски инвестиции во Југоисточна Европа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

