Преживеаните од „Пулс“ се лекуваат во импровизирани услови во кочанската болница, персоналот пред колапс
Во болничка сала која тешко може да се нарече операциона, без адекватна медицинска опрема, без специјализирана када за третман на изгореници и со само една докторка која се грижи за 128 пациенти, се одвива лекувањето на преживеаните од трагедијата во дискотеката „Пулс“. Оваа слика на кочанската болница е алармантна – илустрација на колапсот на здравствениот систем пред најтешката цивилна трагедија во поновата македонска историја.
Меѓу преживеаните е и Лазе (31), кој за „Слободен печат“ сведочи дека неговото лекување, како и на останатите повредени, се одвива во импровизирани услови. И покрај тврдењата на Владата дека обезбедила целосна медицинска и логистичка поддршка, реалноста на терен е поинаква – пациентите се потпираат на волонтерска помош од групата „Сапорт Кочани“ и на донации од граѓани.
Лазе, кој живее и работи во Германија, дошол во Кочани само на краток одмор кога се случил кобниот пожар. Се здобил со изгореници од втор и трет степен, најкритичните на неговата глава. По хоспитализација во болницата „Пирогов“ во Софија, каде што поминал интензивна нега, сега е на амбулантско лекување во Кочани. Неговите рани сè уште не се затворени, а медицинскиот третман се врши со влажни крпи, кофи и ентузијазам на премалениот персонал.
– На рацете ми пресадија кожа, а за главата не се одлучив за истиот зафат. Лекарите препорачаа конзервативна терапија, за да се избегне формирање белези од трансплантацијата. Процесот е побавен, но верувам дека ќе успеам – вели Лазе.
Фотографии од неговата состојба по враќањето од Софија беа споделени на Инстаграм од страна на „Сапорт Кочани“, кои се единствена константна поддршка на преживеаните и нивните семејства. Психолошка помош, според нивните изјави, досега не е понудена од институциите.
Семејствата на 62-та млади кои го загубија животот во пожарот сè уште секојдневно протестираат, барајќи правда и проширување на истрагата во која се осомничени 59 лица. Тие сметаат дека не се идентификувани и одговорните институции кои дозволиле дискотеката да работи без основни безбедносни стандарди.
Додека институциите се занимаваат со бирократија, преживеаните и нивните семејства водат битка за живот, достоинство и правда. Лекарите, пак, секојдневно се на работ на издржливост, во услови кои не се достојни ниту за најосновна здравствена грижа.
Македонија, повторно, сведочи на болна вистина – дека трагедиите не престануваат со пожарот, туку продолжуваат во молкот на системот.