Претрес во Битола: Пронајдена дрога, лишени од слобода три лица
На 19 мај 2025 година, околу 19:55 часот, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола извршија претрес во дом во селото Лавци, при што беа лишени од слобода три лица осомничени за поседување и одгледување наркотични средства.
Станува збор за лицата М.К. (33), Д.П. (38) и Д.М. (36), сите од Битола, кои во моментот на претресот се наоѓале во домот на М.К. Претресот е извршен со судска наредба, а при неговото спроведување биле пронајдени и одземени докази што укажуваат на нелегални активности поврзани со производство и дистрибуција на дрога.
Меѓу пронајдените предмети се дигитална вага со остатоци од марихуана, семки од растението канабис, 41 стаклена тегла со изртена габична материја, како и тегли, шишиња и шприцеви исполнети со неидентификувана течност. Дополнително, биле откриени импровизирани саксии со засадено растение канабис и други предмети кои, според полицијата, потекнуваат од извршено кривично дело.
По целосно документирање на случајот, против осомничените ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот и утврдување на можни поврзаности со други лица или организирани структури.