25 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Лажните дојави за бомби во училиштата во Тетово продолжуваат да предизвикуваат страв и несигурност кај учениците и родителите, додека наставниот процес речиси секојдневно се прекинува. Само во текот на денешниот ден беше пријавена нова дојава за бомба во основното училиште „Лирија“, поради што наставата не се одржа.
Граѓанинот Омер Даути преку објава на социјалните мрежи повика на будење и реакција од страна на родителите, нагласувајќи дека ситуацијата е сериозна и дека повеќе не станува збор за шега, туку за аларм за целото општество.
„Вчера средношколците беа изложени на страв и паника поради дојави за бомби. Изгубија наставни денови, го изгубија мирот. Потоа медицинското училиште, па други… а денес? Децата од основното училиште ‘Лирија’. Ова е врвот. Нашите деца растат во страв и несигурност. Им се краде времето, им се нарушува психата, им се уништува концентрацијата“, пишува Даути.
Тој дополнува дека паралелно со овие појави, младите се изложени и на други негативни влијанија како неконтролирани содржини на социјалните мрежи, алкохол, цигари и дрога, што дополнително ја влошува состојбата.
„Нема ниту вистинско образование, ниту воспитување. Кому му одговара ова? Сите го знаеме одговорот. Родители, не е време за молк. Не е време да гледаме и да продолжиме понатаму. Треба да се кренеме, треба да реагираме – за нашите деца. Ако не реагираме денес, што чекаме? Телефонски повик од болница? Или вест дека нешто лошо се случило?“, стои во неговата објава.
Инаку, освен во основните и средните училишта, во изминатиот период лажни дојави за бомби имаше и на Универзитетот во Тетово. Полицијата информираше дека се приведени лица осомничени за овие дела, но и покрај тоа, дојавите продолжуваат и понатаму, предизвикувајќи сериозна загриженост во јавноста.
Бугарија влегува во елитата на европскиот мотоспорт со нова тест-писта за Формула 1
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

